Ѓорѓе Иванов до ДКСК: Ќе ги провериме документите за мене кои ги криете

Архивска фотографија - Ѓорѓе Иванов

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов денеска испратил писмено барање до претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Биљана Ивановска за доставување на информација за состојбата, статусот на отворените предмети кои ги води ДКСК за него, предмет за потпишување укази за унапредување на генерали за време на изборен процес и предмет за зголемување на имотната состојба, соопшти неговиот кабинет.

За овие предмети, како што наведуваат од Кабинетот на порнешниот претседател, и покрај изминатите 20 месеци, не е преземено ништо согласно законските утврдени рокови.

„Поведени од вашиот личен, јавно искажан анимозитет кон мене, наместо да ја согледате реалната состојба наведена во законски рок доставениот Анкетен лист и сите пријавени промени во целиот мој десетгодишен мандат, како и доставениот Анкетен лист по завршување на мојот мандат, вие одлучивте да поведете лична медиумска кампања против мене и моето семејство од само за вас познати причини“, пишува Иванов во писмото до претседателката на ДКСК.

Иванов во писмото вели дека негов адвокат ќе бара увид во сите документи од предметот за неговата имотна состојба, кои документи, како што вели поранешниот претседател во дописот: „вешто ги криете“.