Европски лидери во самоизолација откако Мокрон е позитивен на Ковид-19

Францускиот претседател Емануел Макрон.

Голем број европски лидери влегоа во самоизолација, откако францускиот претседател Емануел Макрон беше позитивен на новиот коронавирус.

42-годишниот Макрон седум дена ќе работи далечински додека трае самоизолацијата, соопшти Елисејската палата на 17 декември.

Францускиот претседател Макрон изминативе денови присуствуваше на голем број настани од висок профил, вклучително и самитот на ЕУ.

Од канцеларијата на Макрон соопштија дека дијагнозата е поставена по „тестот извршен при појава на првите симптоми“.

Сѐ уште не е познато како бил заразен францускиот претседател.

По објавата на Елисејската палата, неколку други европски лидери изјавија дека исто така ќе се самоизолираат, вклучително и шефот на Европскиот совет Шарл Мишел, генералниот секретар на ОЕЦД Анхел Гурија и премиерите на Шпанија, Португалија, Белгија и Луксембург.

Макрон беше домаќин на членовите на меѓувладината група на ОЕЦД на 14 декември, а претходниот ден на парламентарните шефови на Франција.

Минатата недела тој, заедно со скоро сите други лидери на ЕУ, присуствуваа на дводневниот самит во Брисел, кој заврши на 11 декември.

67-годишната сопруга на Макрон, Брижит, исто така е во самоизолација, но наводно засега таа нема никакви симптоми. Доцна попладнето извори рекоа дека таа била тестирана негативна.

Кабинетот на францускиот премиер Жан Касте соопшти дека тој не покажува никакви симптоми, но оти ќе се самоизолира. Собранискиот спикер исто така ќе се самоизолира.

Франција е меѓу најтешко погодените земји во Европа од пандемијата на новиот коронавирус, со повеќе од 2,4 милиони потврдени инфекции и скоро 60.000 смртни случаи.