Пашинијан - Не можам сам да распишам предвремени избори

Интервју со Пашинијан.

Оспорениот премиер на Ерменија, Никол Пашинијан изјави денеска дека сам не може да одлучи да распише предвремени парламентарни избори. Тој се соочува со зголемени повици да си даде оставка, по минатомесечниот договор за прекин на огнот со Азербејџан.

Денеска во интервју за РСЕ тој рече дека не е прашање дали ќе си поднесе оставка или не. Во Ерменија народот одлучува кој треба да биде премиер, вели Пашинијан. Тој вели дека за предвремени избори мора да има консензус, не може тие да се одржат само врз основа на неговата волја.

Пашинијан, кој ја презеде власта за време на протестите на национално ниво во 2018 година, се најде на удар на критики откако се согласи на договорот со Азербејџан со посредство на Москва, кој стапи на сила на 10 ноември, со што завршија шестнеделните жестоки борби во спорниот регион Нагорно- Карабах

Неговите противници велат дека тој случил погубен договор со Азербејџан и сакаат тој да си даде оставка.

Нагорно-Карабах е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но етничките Ерменци кои го сочинуваат поголемиот дел од населението во регионот го отфрлаат владеењето на Азербејџан.

Според мировниот договор, некои делови од Нагорно-Карабах и сите седум области околу него беа ставени под администрација на Азербејџан по скоро 30 години контрола од страна на етничките ерменски сили.

По склучување на договорот во Ерменија има протести, а опозицијата повика да се формира нова привремена влада, се додека не се одржат нови предвремени избори.

Пашинијан рече дека не планира да се откаже, инсистирајќи на тоа дека тој е одговорен за обезбедување на национална безбедност и стабилизирање на поранешната советска република.

Сепак, претставниците на неговата партија „Мој чекор“ во последните денови посочија дека се „подготвени да разговараат“ за можноста за одржување нови парламентарни избори.

Во интервјуто за РСЕ, премиерот призна и дека тој сноси одговорност за резултатот од последните борби во кои беа убиени повеќе од 5.600 луѓе од обете страни.

„Се сметам себеси за број еден одговорна личност, но не се сметам за број еден виновна личност“, рече Пашинијан.