Мемети од Народен правобранител оди во Советот на јавни обвинители

Иџет Мемети како Народен правобранител

Пратениците со 61 глас „за“, без против и без воздржани на денешната седница ги избраа Иџет Мемети и Љупчо Ивановски за членови на Советот на јавни обвинители.

Мемети 16 години беше на функцијата Народен правобранител, а претходно беше и министер за правда и поранешен уставен судија, државен советник во Владата, како и член на Државната изборна комисија.

Адвокатот Љупчо Ивановски бил заменик на општинскиот јавен обвинител во Скопје, а бил и заменик на Народниот правобранител. Од 2006 до денес работи како адвокат.

Советот на јавни обвинители е самостоен орган кој ја обезбедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители во извршување на нивната функција. Советот има својство на правно лице и е составен од 11 члена, од кои четворица членови на Советот ги избира Собранието на Република Северна Македонија од редот на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници, од кои двајца се припадници на заедниците кои не се мнозинство во државата.
Мандатот на избраните членови на Советот трае четири години со право на уште еден избор.