Владата нема да се спогоди со тужителите во Стразбур обвинети во предмети на СЈО

Бојан Маричиќ

Државата нема да се спогоди со обвинетите во предметите на поранешното СЈО кои поднесоа тужба против Македонија во судот за човекови права Стразбур. Ова на прес конференција го соопшти министерот за правда Бојан Маричиќ. Тој истакна дека Владата на денешната седница ја разгледала информацијата за спогодбено решавање и донела одлука дека нема да ја искористи можноста за спогодба. Деветте тужителите кои се обвинети за предмети кои произлегоа од незаконското масовното прислушување во судот во Стразбур се повикуваат на аболицијата односно помилувањето кое за нив го изрече поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов која предизвика масовни протести во 2016 година од таканаречената Шарена револуција. Маричиќ изјави дека проектот „ Вистина за Македонија“ имаше за цел да помогне во ослободување на државата и владеење на правото и правна држава.

„Потребно е граѓаните да имаат прилика во правна смисла на зборот да ја дознаат вистината и сите оние кои сториле криминал или ги прекршиле законите да одговараат за своите дела. Државата е обврзана на граѓаните да им обезбеди правда.Ние не сакаме и нема да прејудицијаме дали некој е виновен или не. Но ќе сториме се што е во согласност со законите сите за кои има сомнежи дека го прекршиле законот низ соодветна постапка да се докаже дали го сториле делото или не“ изјави Маричиќ.

Тој на новинарското прашање колкав е финансискиот ризик за земјата доколку не се спогоди одговори дека е потребно поинаку да се постави прашањето.

„ Јас би го свртел прашањето – колку ќе изгуби државата доколку не влезе во овој спор и не се обиде со правни аргументи за кои сме убедени дека се на наша страна, не успееме да го одбраниме овој наш став.“, изјави Маричиќ.

До судот за човекови права во Стразбур биле поднесени две групи со вкупно девет апликации на тужители против државата. Аферата за масовно прислушување беше клучниот сегмент во политичката криза во 2015 година по која се смени власта во земјата . Со таканаречениот „Пржински договор“ беше формирано Специјалното јавно обвинителство чија задача беше да ги истражува наводите за криминалното однесување на челниците на власта за предмети кои произлегоа од незаконското прислушување. Пикот на кризата настана кога поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов кој со аболиција помилува 50-тина осомничени по што во земјава настанаа масовни секојневно простести под мотото „Нема правда, нема мир“.