Филипче -Мерките даваат резултати, но ситуацијата е критична

Венко Филипче

Иако мерките против ковид-19 даваат резултати, ситуацијата се уште е критична, се уште има голема бројка на пациенти и не смееме да дозволиме никакво опуштање, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче. Затоа и Комисијата за заразни болести предложи дополнителна рестрикција во работното време на угостителските објекти. За мерките владата одлучува на денешната седница.

Министерот смета дека дополнителните рестрикции се сосема доволни. Се предлага угостителските објекти да работат до 18 часот за време на новогодишните и божиќните празници. Министерот вели дека граѓаните мора да се свесни дека не треба да се собираат и да се групираат.

„Во целата борба, еден сегмент е здравствениот систем, другиот сегмент се инспекторатите, но третиот дел е свеста и совеста на граѓаните“, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој вели дека не можат да ги ограничат собирите по домовите бидејќи тоа е противуставно и затоа во овој случај многу е важна свеста на граѓаните.

Според последните податоци во земјава има 21658 активни случаи на ковид 19, а досега починале 2147 луѓе. Во болниците се лекуваат околу 1400 пациенти.