Од пари до хакери

ХРВАТСКА - Хрватска денеска ги продолжи строгите мерки на границите, кои, поради епидемиолошката состојба ќе важат уште еден месец, односно до 15 јануари.

МАКЕДОНИЈА - Без плата во октомври останале 338 вработени во 179 фирми на кои државата им дала финансиска помош за исплата на платите, објави денеска директорката на УЈП Сања Лукаревска. Таа најави дека списокот на компаниите ќе биде доставен до Генералниот секретаријат на Владата, која пак треба да го објави јавно и истиот нема да биде ажуриран.

СРБИЈА - Од 20 декември на странските државјани ќе им треба негативен ПЦР тест за влез во Србија, додека на српските граѓани ќе им треба или негативен тест или ќе бидат испратени во десетодневен карантин.

АВГАНИСТАН - Талибанските милитанти убија најмалку 10 припадници на авганистанските безбедносни сили во северната авганистанска провинција Кундуз, соопштија денеска официјалните лица, откако владата објави дека мировните разговори ќе продолжат следниот месец.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот на Владата, Зоран Заев, денеска даде отчет за она што го сработила Владата во првите 100 дена во новиот мандат, по предвремените парламентарни избори на 15 јули годинава. Премиерот заклучи дека оваа Влада била тука со и за граѓаните, создала силни институции, ја зголемила грижата за сите и дека одлуката за избори во време на пандемија била правилна. Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, ги оцени 100-те дена Влада како 100 дена фијаско.

МАКЕДОНИЈА - За новогодишните и божиќните празници, односно од 18 декември до 21 јануари, кафулињата и рестораните да работат до 18 часот наместо до 21 часот, е предлогот на Комисијата за заразни болести кој денес ќе ѝ го достави на Владата за да се избегне зголемување на бројот на заболени од ковид-19 во престојниот период на празници.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и британскиот премиер Борис Џонсон кои 13 декември го имаа одредено како краен рок за да постигнат трговски договор неостварлив договор, на крајот решија да го игнорираат и им наредија на нивните преговарачи да продолжат да разговараат.

САД - Осомничени руски хакери упаднале во мрежите на владата на САД, вклучително и на Министерството за финансии и оддели за трговија. Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Улиот изјави дека владата ги презема сите неопходни чекори за да ги идентификува и поправи сите можни проблеми поврзани со оваа состојба.