Кавги и компромиси

МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева на денешната собраниска седница во бугарскиот парламент рече дека нивните услови за одобрување на преговарачката рамка со Република Северна Македонија ги доставиле на владата во Скопје како писмен документ пред една година.

БЕЛГИЈА / ТУРЦИЈА - Лидерите на ЕУ 27 на самитот во Брисел одлучија да почнат подготовки за санкции против Анкара. Во нацрт заклучоците од самитот се наведува дека Советот на Европската унија (ЕУ), вклучително и министерот за надворешни работи Џозеф Борел, се повикуваат да усвојат дополнителни списоци кои ќе бидат додадени на постојниот пакет санкции воведени поради нелегалните турски активности за дупчење во источниот Медитеран.

РУСИЈА - Неколку руски медиуми, повикувајќи се на извори блиски до органите за спроведување на законот, пренесуваат дека бомбаш-самоубиец повредил најмалку шест лица во севернокавкаскиот регион Карачаи-Черкесија.

САД - Соединетите држави воведоа втор пакет санкции насочени кон Рамзан Кадиров, лидер на рускиот регион Северен Кавказ во Чеченија и лојален поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин.

РОМАНИЈА - По парламентарните избори во Романија, претседателот Клаус Јоханис ги покани политичките партии на консултации за формирање нова влада на 14 декември. Претседателската канцеларија го објави соопштението еден ден откако реформистичката десноцентристичка Национална либерална партија (ПНЛ) го предложи министерот за финансии Флорин Циту за следен премиер.

БЕЛГИЈА - Лидерите на ЕУ склучија договор за деблокирање на буџетот на Унијата од 1,8 трилиони евра и на пакетот за заздравување од коронавирусот. Ова се смета за витален момент за тешко погодената економија на континентот, откако беше блокиран со недели од Унгарија и Полска поради одредбите што го поврзуваа со почитувањето на владеење на правото.

САД - Избраниот претседател на САД Џо Бајден и избраната потпретседателка Камала Харис заеднички се прогласени за Личност на годината на магазинот Тајм за 2020 година за нивната изборна победа над Доналд Трамп. За промена на американската приказна, за покажување дека силите на емпатијата се поголеми од бесот на поделбата, за споделување на визијата за заздравување во тажниот свет, пишува Тајм, објаснувајќи го својот избор.

ИЗРАЕЛ / МАРОКО / САД - Претседателот на САД Доналд Трамп објави дека Израел и Мароко се договориле за нормализирање на односите, што е четврти арапско-израелски договор во последните четири месеци.