Дуда - Преговори за „привремен договор“ за буџетот на ЕУ

Полскиот претседател Анджеј Дуда

Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска изјави дека Европската унија е сè поблиску до договор за да се избегне ветото од страна на Полска и Унгарија за буџетот на Унијата и клучниот пакет за спас од последиците од ковид-19.

„Има контури на привремен договор за буџетот на ЕУ и механизам за условување“, рече Дуда пред новинарите во Прага по разговорите со чешкиот претседател Милош Земан.

Варшава и Будимпешта блокираат средства од ЕУ во вредност од околу 1,8 билиони евра, вклучително и околу 750 милијарди евра што треба да бидат исплатени наскоро за да им се помогне на земјите-членки на Унијата да се извлечат од рецесијата предизвикана од коронавирусот.

Полска и Унгарија се под истрага на ЕУ за поткопување на независноста на судството, медиумите и невладините организации и ризикуваат да го загубат пристапот до десетици милијарди евра поради новововедената клаузула за почитување на владеењето на правото приложена кон буџетот на ЕУ и фондот за опоравување од ковид-19.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на 4 декември повтори дека Будимпешта нема да ја прифати клаузулата за почитување на владеењето на правото. Комесарот на ЕУ за економија Паоло Џентилони ги предупреди двете земји дека ЕУ е подготвена да „продолжи“ без нив, доколку не се откажат од противењето.