Мицкоски бара лидерска, Села оставка на владата и широка владина коалиција

Архивска фотографија: Лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција соопшти дека веднаш е потребна лидерска средба за да се разговара за актуелната политичка, здравствена, образовна и економска ситуација во земјава.

Тој рече дека за 100 дена влада граѓаните добиле „вето на патот кон ЕУ, влеговме во економска рецесија, пропадна банка, втор ТАТ, афера тешка 200 милиони евра, поскапе електричната енергија, се загубија 1.400 животи поради отсуство на стратегија и акутна неспособност на здравството“.

Опозициските Алијанса за Албанците и Алтернатива бараат итна оставка на Владата и широка владина коалиција. На прес-конференција организирана по повод 100 дена на сегашната владина коалиција, лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села рече дека секој поединец во оваа Влада не се разликува еден со друг.

„Оваа Влада е влада на лажговци и претседателот на Владата веднаш треба да поднесе оставка. Да се направи широка владина коалиција меѓу сите политички актери и да се преземаат одговорности од сите политички актери. Заедно да седнеме и да работиме околу кризата, заедно да седнеме да преземеме обврски и да го решиме спорот со соседот. Лажат и си лажеле и за време на кампањата и продолжуваат и до ден денеска да ги лажат граѓаните во врска со евроинтеграциите и со другите ветувања кои и ги дадоа. За време на кампањата зборуваа за евроинтеграции, за договори за добрососедство, а од друга страна знаеле уште тогаш дека ќе се соочиме со блокада од страна на Република Бугарија“, рече Села.

Тој потенцира дека ДУИ имала многу ветувања, а од друга страна гледа дека само едно сакат да го реализираат – нивниот бизнис и затоа деновиве се обидуваат да ја легализираат марихуаната.