Захариева - Подготвени сме да најдеме решение и да бидеме вистински членки на ЕУ

Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева

За Бугарија повеќе не се доволни само зборови, тука сака дела. Подготвени сме да работиме, да најдеме решение за надминување на оваа акумулирана недоверба и да бидеме вистински членки на европското семејство, изјави денеска бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева по разговорите со специјалниот претставник на македонската влада за Бугарија, Владо Бучковски.

„Погрешно е ова да се нарекува вето, бидејќи станува збор за неодобрување на преговарачката рамка. Ние сме во деликатна фаза од нашите односи“, изјави Захариева на заедничката прес-конференција со Бучковски по нивната средба.

Таа тврди дека Бугарија не ставила вето, затоа што вчера на министерскиот совет, како што посочи, воопшто не се расправало за проширувањето. Бугарската позиција е јасна – бара гаранции за нејзините барања: исполнување на Договорот за добрососедство, патоказ за негово спроведување, декларација дека нема претензии за македонско малцинство и употреба на јазикот според Договорот од 2017 година. Тоа го нема во преговарачката рамка и Бугарија не може да ја поддржи, вели Захариева.

Таа повика работата на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања да не се користи за политички цели.
Захариева нагласи дека бугарската позиција за неодобрување на преговарачката рамка се должи на, како што рече, неспроведуваењето на Договорот за добрососедство од 2017 година.

„Ги предупредуваме нашите соседи за ова веќе година и половина. Тие се неколку работи. Блокирање и политизација на работата на Комисијата за историски и образовни прашања, административни пречки за бугарскиот бизнис, неофицијална поддршка на поединци и организации со тврдења за постоење на македонско малцинство во Бугарија и недостиг на напредок, односно значително одложување на Коридорот 8“, додаде Захариева.

Таа потенцира дека Скопје и Софија покажале оти може да имаат добра координација за време на копретседавањето со Берлинскиот процес и треба да се искористи тоа искуство за враќање на загубената доверба чекор по чекор и за „запирање деструктивниот пристап“.

„Видливо е до каде се стигна со антибугарската кампања, обидите да се дискредитира Бугарија во сите организации, тврдењето дека ставање вето или дека поради нас и Албанија ќе биде запрена и други невистинити работи. Секако ова не помага, но го попречува градењето доверба. Оваа стратегија е неприфатлива за нас, но исто така непродуктивна, убедена сум дека само добронамерниот пристап ќе доведе до надминување на акумулираната недоверба. Ние навистина ви пружиме рака да најдеме решенија кои се заемно прифатливи и трајни и да го отворите патот за нови односи“, додаде Захариева.

Според неа, да се биде членка на ЕУ значи дека треба да се почитуваат склучените билатерални или мултилатерални договори.