ЕУ усвои механизам на санкции против прекршителите на правата

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел

Министрите за надворешни работи на Европската унија го дадоа последното зелено светло за воспоставување систем што ќе му овозможи на блокот од 27 нации да воведе санкции против прекршителите на човековите права ширум светот. Министрите го потпишаа договорот за механизмот на санкции на разговорите во Брисел денеска, велејќи дека со тоа се нагласува дека „унапредувањето и заштитата на човековите права остануваат камен-темелник и приоритет на надворешното дејствување на ЕУ и се одразува одлучноста на ЕУ да се справи со сериозните повреди на човековите права и злоупотреби “.

Состанок на Совет за надворешни работи на ЕУ

Овој потег му овозможува на блокот „да посочи поединци, субјекти и тела - вклучително и државни и недржавни чинители - како одговорни за вклученост или поврзаност со сериозни кршења и злоупотреби на човековите права ширум светот, без оглед каде се случиле“, се вели во соопштението на ЕУ.

Новиот механизам, кој предвидува и замрзнување на средствата и забрана за визи, се очекува официјално да стапи во сила на Денот на човековите права на 10 декември. Официјални претставници на ЕУ, запознаени со ова прашање, изјавија за РСЕ дека нема да бидат санкционирани веднаш поединци или субјекти, иако имињата би можеле да бидат ставени на црната листа уште во почетокот на 2021 година.