Таџикистанската полиција го привела вториот човек на опозицијата „поради хулиганство“

Махмурод Одинаев, заменик претседател на опозициската Социјалдемократска партија

Таџикистанските власти соопштија дека го привеле лидерот на опозицијата Махмурод Одинаев под обвинение за хулиганство неколку дена по исчезнувањето на политичарот. Кабинетот на генералниот обвинител на Таџикистан соопшти дека Одинаев, заменик претседател на опозициската Социјалдемократска партија, бил лоциран и уапсен на 5 декември во Душанбе.

Според изјавата, Одинаев, наводно, извршил чин на хулиганство во западниот град Хисор, кон крајот на октомври, каде обвинителите тврдат дека тој се соочил со службените лица заради регрутирањето на неговиот син Хабибуло.

Само три дена пред апсењето на Одинаев, портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Нусратуло Махмуџода, рече дека полицијата не трага по политичарот што го немаше веќе неколку дена, наведувајќи дека нема барање за тоа од неговите роднини.

Роднините на Одинаев за РСЕ изјавија дека тој исчезна на 20 ноември откако на Фејсбук објавил дека бара градоначалникот на Душанбе, Рустам Емомали, да му дозволи нему и активистите на неговата партија да организираат протест за поскапувања на храната. Според роднините, тие неколку пати официјално се обратиле до полицијата за да побараат од полициските службеници да започнат потрага по исчезнатиот политичар. Роднините исто така рекоа дека полицијата ги испрашувала во врска со мистериозното исчезнување на Одинаев.