Македонија и Британија склучија спогодба за партнерство и трговија

Бујар Османи и Рајчел Галовеј на потпишувањето на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу С. Македонија и Британија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и амбасадорката на Обединетото Кралство, Рајчел Галовеј, ја потпишаа Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, на свечена церемонија организирана по тој повод.

„Договорот значи потенцијал за бизнисите да ја зголемат економската активност меѓу двете земји, тоа ќе значи потенцијал и за останатите бизниси да оформат нови релации на соработка ослободени од бариерите на границите; ова е потенцијал и за нови британски инвестиции овде во Северна Македонија, за нови работни места, за поголема активност и на домашните компании и секако, потенцијал за севкупен економски напредок што претставува круна на одличните односи меѓу двете земји”, рече Османи.

За време на церемонијата на потпишување на Спогодбата, свое обраќање имаше и амбасадорката Рејчел Галовеј, а преку видео-линк се обрати и Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија со Западен Балкан на британскиот премиер Борис Џонсон.