Денеска протести на ВМРО - ДПМНЕ во 16 градови

Протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата под мотото „Стоп за распродажбата на државните и националните интереси“, Скопје, 1 декември 2020

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе протестира во Скопје и уште во 15 други градови во државата против, како што велат, „распродажбата на државните и националните интереси“. Опозицијата вече една недела протестира, а почна по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС, во кое Заев рече дека „Бугарија не е фашизам и дека имаме заедничка историја“.

„Денес е денот кога сите граѓани на Република Македонија ќе продолжат заедно во битка за одбрана на честа и достоинството на македонската држава. Време е да се каже доста е на понижување и распродажба на државните и национални интереси. Токму затоа сите граѓани заедно сплотени, во масовен број и ќе испратат порака дека Зоран Заев и СДСМ мора да заминат час побрзо бидејќи на Македонија и донесоа само порази и неуспеси“, Стои во партиската најава на протестите.

Протестите во Скопје ќе почнат во 15 пред Владата и Министерството за надворешни работи, а протести ќе се одржат и во Куманово, Македонска Каменица, Пробиштип, Делчево, Пехчево, Берово, Виница, Радовиш, Валандово, Дојран, Велес, Кавадарци, Прилеп, Битола и Охрид, со почеток од 18 часот.