Османи: Рецептот за Западен Балкан е ЕУ

Бујар Османи

Кога зборуваме за европската иднина на Северна Македонија – најпрво мислиме на младите генерации кои имаат право на подобар живот и пристојни услови да останат да творат во својата земја. Европската индина е единствен рецепт за превенција од ретроградните политички тенденции на Балканот – единствениот одговор на предизвиците за помирување и градење на просперитет и стабилност, изјави денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на неформалниот состанок за Советот на Европската Унија (ЕУ) за општи работи – ГАК.

Учеството на Османи на состанокот на ГАК се случува во време на вето од Бугарија за пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, кое, според дипломати од Унијата, ќе биде ставено и на министерскиот совет на ЕУ на 8 декември, иако денеска германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека продолжуваат напорите за почеток на преговорите со Скопје до крајот на годината.

Во своето излагање Османи истакна дека иднината на Европа не може да се замисли без интеграцијата на регионот во ЕУ, посочувајќи дека процесот на проширување треба да биде силно вклучен во дебатата за иднината на Европа. Тој се осврна на силната стратешка определеност на Република Северна Македонија за својата европска иднина, придонесувајќи притоа позитивно и кон европските перспективи на целиот регион.

Со ГАК претседаваше германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, а покрај редовното учество на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, беа поканети и министрите за надворешни работи од земјите на Западен Бaлкан.