Осуммина мртви во затворски бунт поради коронавирусот во Шри Ланка

Илустрација: Шри Ланка

Во судири меѓу полицијата и затвореници кои се побуниле поради ширењето на коронавирусот во нивниот затвор биле убиени осуммина затвореници, а 71 се повредени, соопштија денеска властите.

Затворениците од затворот Махара во близина на Коломбо, кој е под силно обезбедување, ноќеска се побуниле, ја запалиле кујната и една управна зграда и зеле двајца чувари како заложници, наведува полицијата.

Денеска и понатаму се слушаат повремени истрели, иако околу 800 припадници на безбедносните сили ја повратија контролата врз затворот.

Со недели во затворите во Шри Ланка избиваат нереди поради растот на бројот на заразени со коронавирус и забраната за посети. Двајца затвореници умреа, а повеќе од 1200 затвореници и затворски чувари, според надлежните, се инфицирани со вирусот.

Министерот за реформи на затворите Сударшини Фенандопуле рече дека властите немале друг избор отколку да пукаат во затворениците за да спречат масовно бегство.

„За жал, осуммина затвореници беа убиени“, рече тој пред парламентот и наведе дека властите ја повратиле контролата врз затворот.

Бунтот во затворот, во кој се сместени околу 10 илјади затвореници, избил кога бројот на заболени од коронавирус надмина 180.

Во Шри Ланка досега има над 23 илјади заразени од коронавирус, а 116 луѓе починаа.