Германија забрани пластични ќеси

Илустрација

Германскиот парламент изгласа закон за забрана на пластичните ќеси во малопродажба од 2022 година, со тоа што и понатаму ќе биде дозволено да се користат тенки пластични ќеси за пакување овошје и зеленчук.

Забраната се однесува на пластични ќеси со дебелина од 15 до 50 микрометри, односно за стандардните ќеси кои се користат во малопродажба.

Од забраната се исклучени ќесите од подебел материјал наменети за повеќекратна употреба.

„Пластичната ќеса е синоним на беспотребното трошење ресурси“, рече министерката за заштита на животната средина Свења Жулце.

Таа рече дека платнените торби, корпи и пластичните кутии за повеќекратна употреба се „добра алтернатива“.

Организацијата за заштита на околината WWF ја поздрави забраната, но соопшти дека има „само симболична тежина“, зашто помалку од 1 отсто од потрошената пластика во Германија отпаѓа на пластичните ќеси.

Зелените исто така го поддржаа законот, но сметаат дека трендот за употреба да еднократни пакувања не е сопрен.

Опозициските партии Алтернатива за Германија и Либерално-демократската партија гласаа против, зашто сметаат дека тоа е неправедна мерка за германската малопродажба без видлив ефект за животната средна.

Во изминатите две години, мнозинство од големите супермаркети во Германија целосно ги исфрли пластичните ќеси од употреба.