Русковска за Заев: Не е вештак да каже кој го организирал „27 април“

Обвинителката Вилма Русковска и премиерот Зоран Заев, како сведок, во судница за случајот „Организатори на 27 април“, 27 ноември 2020

Обвинителката Вилма Русковска, по денешното сведочење на премиерот Зоран Заев во случајот „Организатори на 27 април“, изјави дека тој е сведок, а не вештак за да дава мислење кои се организаторите на насилството во Собранието на 27 април 2017 година.

Премиерот Заев денеска во Судот, во својство на сведок на одбраната, рече дека, според неговите сознанија, ексспикерот Трајко Вељановски и бившите министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, не се организатори на настаните во Парламентот од 27 април 2017 година, познати како „крвавиот четврток“, туку биле изманипулирани од Никола Груевски, кој според Заев, е организаторот.

„Премиерот беше викнат во својство на сведок, не на вешто лице да дава свое мислење. Не понуди никакви докази дека овие луѓе не се едни од организаторите. Апсолутно не се сложувам со изјавата дека биле изманипулирани. Обвинетите не се малолетни лица за да може кој било да ги изманипулира особено што долги години беа на една од највисоките функции во државата“, рече обвинителката Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.