Од Каракачанов до Флин, од Црвенковски до Трамп

БУГАРИЈА - Му честитам на Заев, тој собра храброст, поради што некои од неговите противници го критикуваат. Ако се продоложи вака, мислам дека следната година можеме да зборуваме за започнување на преговарачкиот процес, изјави бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, осврнувајќи се на интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за БГНЕС. Тој рече дека се сложува дека имаме заедничка историја, но дека таа заедничка историја е бугарска историја.

МАКЕДОНИЈА - Поранешниот претседател на СДСМ и поранешен претседател на Македонија, Бранко Црвенковски, вели дека ставовите и тезите искажани во интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. Црвенковски, во изјава испратена до медиумите, вели дека е направена огромна и непоправлива штета и најавува дека ќе го замрзне членството во СДСМ додека партија не се огради од ваквите ставови.

ГРЦИЈА - Под слоганите Мерки за заштита на здравјето и приходите, Бесплатно здравство за сите и Дајте пари за здравството, денеска во Атина се одржаа неколку одвоени собири, организирани од различни федерации и здруженија што учествуваат во генералниот 24-часовен штрајк на Синдикатот на вработените во државниот сектор во Грција, јави МИА од Атина.

ТУРЦИЈА - Судот во Турција осуди десетици обвинети, вклучително и армиски команданти и пилоти, на доживотен затвор, откако ги прогласи за виновни за вмешаност во крвавиот обид за воен удар во јули 2016 година против претседателот Реџеп Таип Ердоган. Тие беа осудени за злосторства, вклучувајќи убиство, обид за уривање на уставниот поредок и обид за атентат врз претседателот, објавија денеска новинските агенции од судницата во Анкара.

ШВАЈЦАРИЈА - Истражувачите предводени од Светската здравствена организација би сакале да се вратат на пазарот на храна во Вухан во Кина за да ги испитаат првичните случаи на ковид-19 што се појавија во градот и да истражат како најверојатно првиот вирус се проширил од лилјаците.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува поранешниот советник за национална безбедност Мајкл Флин, кој во 2017 година се изјасни за виновен за лажење на ФБИ за неговите контакти со Русите. Му посака убав Ден на благодарноста.

АРГЕНТИНА - Аргентинскиот претседател Алберто Фернандез прогласи тридневна жалост за смртта на легендарниот фудбалер Диего Армандо Марадона.