Вонредна инспекција во болницата во Битола

Илустрација. Клиничката болница во Битола.

Министерот за здравство, Венко Филипче најави вонреден инспекциски надзор во болницата во Битола, откако на социјалните мрежи се појавија фотографии на кои се гледа дека додека пациент прима инфузија во истата просторија на други болнички кревети лежат двајца починати пациенти.

Министерот Филипче, денеска рече дека со инспекцијата ќе утврди фактичката состојба во дневната болница.

Претходно, докторката Билјана Гагачовска, директорка на Клиничката болница во Битола, во врска со настанот што се случил вчера во битолската дневна болница кажа дека го информирала Министерството за здравство дека еден од пациентите кој бил во лоша здравствена состојба примал инфузија, а на другите два креветат за време на интервенција, пациентите починале.

„Согласно лекарските овластувања регулирани во член 272 од Законот за здравствена заштита, став 1, преглед на умреното лице се врши, по правило, најрано 2 часа по настапувањето на смртта на местото на смртта, а најдоцна 12 часа по пријавувањето. Од таа причина телото на починатиот не можело да се пренесе во болничката мртвачница, објасни директорката Гагачовска.

Министерството за здравство повторно апелираше доколку членови на семејство на пациент и лично пациенти имаат каков било сомнеж за евентуален лекарски пропуст или за начинот на лекарски третман, да се обратат до ДСЗИ.