ВМРО-ДПМНЕ: Заев на Бугарија понудил банка, ХЕЦ, дел од Телеком...?

Димче Арсовски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, денеска рече дека на Бугарија „Заев ѝ ветил и една поголема банка“.

Сакаме да прашаме, а Заев мора веднаш да одговори, што содржи таа понуда што ја дала Владата на Заев до бугарската страна, праша денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по синоќешната изјава на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека на Бугарија ѝ е дадена понуда за договор по ветото што го стави на преговарачката рамка со Европската унија.

„Во прашање се сериозни бизнис-ветувања од Зоран Заев кон бугарската страна, поголем пакет кој вклучува сериозен приватен и државен капитал, кој требало да биде продаден на бугарски фирми и бугарски бизнисмени. Тука би набројале една поголема банка, државниот удел на Република Македонија во 'Телеком', што ќе значи и целосно приватизирање, железнички транспорт, ТЕЦ 'Неготино', земјоделско земјиште, кое наводно и веќе било капарисано од одредени луѓе што треба да стане градежно, и уште многу други работи“, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, синоќа за ТВ21 изјави дека Северна Македонија и Бугарија размениле понуди и документи и дека деновиве очекувале одговор од бугарската страна, но дека во овој момент не може да открие никакви детали од понуденото.