Во ковид центрите 48 нови пациенти, покачен бројот на смртни случаи

Илустрација - Ковид-19 амбуланта во кругот на Клиниката за инфективни болести во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализирани се 48 нови пациенти поради компликации од корона вирусот, а вкупно 476 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, соопшти денеска Министерството за здравство (МЗ).

„Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 25 приеми и тоа петмина пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, девет во ковид центарот на Клниката за Неврологија, тројца нови болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, исто толку и на Клиниката за нефрологија и петмина болни на Клиниката за очни болести. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 12 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 11 приеми во текот на вчерашниот ден“, соопшти МЗ, од каде додаваат дека во изминатите 24 часа дома се пуштени 19 оздравени пациенти.

Според најновиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во периодот од 16 до 22 ноември, тестирани се вкупно 19.664 материјали во лабораториите, а регистрирани сe 7.486 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со незначително зголемување во однос на минатата недела од 1,8 проценти. Во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 38 проценти.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години. Во наведениот период пријавени се 204 смртни случаи од 24 града, што е зголемување од 18,6 отсто во однос на минатата недела, соопшти ИЈЗ.