На хируршките клиники ќе бидат отворени дополнителни кревети за КОВИД-пациенти

Инфективна клиника, ковид 19 амбуланта

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска изјави дека поставеноста на системот на интерните клиники во Скопје покажала дека добро функционира, дава резултати во поголем број оздравени пациенти и доволен број слободни кревети.

„Капацитетите брзо се пополнуваат, но скоро воопшто не се чека за хоспитализација, не само на пациенти од Скопје, туку од секаде низ државата.Овој критичен период ќе продолжи и во наредните недели, целиот кадар на јавно-здравствените установи е мобилизиран, а притисокот врз болниците очекуваме да продолжи и во следните месеци, затоа од клучна важност е граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од КОВИД“, рече Филипче.

Нови 35 хоспитализирани поради компликации од коронавирусот

Тој се сретна со директорите на повеќето скопски клиники во кои се отворени КОВИД-центри, како и со раководството на ГОБ „8 Септември“. На средбата, меѓу другото, било речено дека на хируршките клиники неделава веќе ќе бидат отворени дополнителни болнички кревети за лекување КОВИД-пациенти, но тие засега остануваат дополнителен капацитет.

Министерот потенцира дека од клучна важност е да не се намали редовната програма на клиниките за акутните и хрончните пациенти кои имаат потреба од лекување.