Захариева: Бугарија не може ја поддржи преговарачката рамка со С.Македонија

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева по денешниот видео-конференциски состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ изјави дека Бугарија во оваа фаза не може да ја поддржи преговарачката рамка со Република Северна Македонија, како и одржувањето на првата меѓувладина конференција. Според неа, предложениот нацрт не ги одразувал бугарските барања и не може да биде поддржан во сегашната форма.

„Позицијата на Бугарија се базира на рамковната позиција на Парламентот. Повеќе од една година таа и е позната во јавноста, вклучително и на македонските колеги. Таа беше пренесена и пред шест месеци за време на меѓувладината конференција“, додаде Захариева.

Бугарија, како што јавија медиумите од земјата, инсистира да се утврдат три услови во преговарачката рамка со земјава- придржување кон формулацијата за јазикот од 1999 година, потврдена и со Договорот за пријателство и добрососедство, утврдување план за спроведување на Договорот од 2017 година и многу јасен и прецизен текст дека нема да има претензии за македонско малцинство во Бугарија.

Според Захариева, овие услови се уште не се вклучени во нацрт преговарачката рамка. Таа порача и дека при носењето на одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија во март годинава, јасно било посочено дека мора да има „видлив напредок во спроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија“. Но, како што посочи Захариева, не е остварен видлив напредок. Таа порача и дека треба да се вложат повеќе напори во преговорите.

„Ако на масата на ЕУ има нерешени прашања, како што има меѓу некои земји членки, тоа нема да ја направи ЕУ посилна, нагласи Захариева.