Фуере: Тактиката на Бугарија кон Северна Македонија е неразумна

Архивска Фотографија - Ерван Фуере

Поранешниот амбасадор на Европската унија (ЕУ) во Скопје, Ерван Фуере, смета дека тактиката што во моментов ја користи Владата на Бугарија кон Северна Македонија е „прилично неразумна и контрапродуктивна и може да има сериозни последици“, не само за односите меѓу двете земји, туку и за целиот регион, и за политиката на проширување на ЕУ.

Пристапот на бугарската влада праќа лоша порака до земјите од Западен Балкан дека и тие можат да се соочат со целосна блокада на патот кон ЕУ, вели Фуере во интервју за Бугарското национално радио, пренесе МИА.

Фуере, пренесува МИА, вели дека Бугарија го користи своето членство во ЕУ за да наметне сопствено толкување на историјата, како и да инсистира на тоа дека нејзината верзија мора да биде прифатена од други земји пред да започнат пристапните преговори, што, според Фуере, е контрапродуктивно бидејќи ја поткопува политиката на проширување на ЕУ и оди целосно спротивно на принципите врз кои се базира европската интеграција и со кои Бугарија се согласи кога стана членка во 2007 година.