Белоруската полиција уапси десетици демонстранти

Белоруската полиција денеска уапси десетици демонстранти кои бараат оставка од Александар Лукашенко и нови претседателски избори, по оспорените избори од август.

Полицијата користеше солзавец да ги растера насобраните во близина на метро станицата Пушкинскаја во главниот град Минск, каде што беа собрани неколку илјади луѓе.

Демонстрантите носеа бело-црвени знамиња, кои се забранети, зашто станаа симбол на политичката опозицијата во Белорусија, и скандираа слогани како „Лукашенко, трибунал“.

Лукашенко, кој владее со Белорусија 26 години, се соочува со речиси секојдневни протести за негова оставка по претседателските избори одржани на 9 август, кои опозицијата ги смета за наместени, а западот одби да ги признае.

Во меѓувреме, Русија го поддржа Лукашенко во останувањето на власт. Неколку демонстранти беа убиени, а илјади луѓе уапсени откако властите прогласија убедлива победа на Лукашенко на изборите. Исто така има и веродостојни извештаи за тортура при задушувањето на протестите. Најголем дел од опозициските лидери во земјата беа уапсени или принудени да ја напуштат државата, вклучувајќи ја и опозициската лидерка Свјатлана Цихановскаја.