Фудбалери, славје, политичари, невести...

МАКЕДОНИЈА / ГРУЗИЈА - Со голот на Горан Пандев во 54-тата минута, репрезентацијата на Македонија денеска со 1:0 ја совлада репрезентацијата на Грузија на Динамо Арената во Тбилиси и со тоа за првпат во својата историја обезбеди пласман на едно Европско фудбалско првенство кое треба да се одржи во 2021 година.

АВГАНИСТАН - Новинарот на Радио Слободна Европа, Илјас Даје, беше убиен денеска во авганистанската провинција Хелмад, откако експлодирала бомба поставена на неговиот автомобил. Омер Зак, портпарол на гувернерот на провинцијата, за Радио Слободна Европа изјави дека бомбата прикачена на автомобилот на Даје го убила новинарот и повредила уште тројца, вклучувајќи го и неговиот брат.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека останува оптимист иако постои голема веројатност да не постигнеме договор со Бугарија, откако Софија најави дека е против одржување на првата меѓувладина седница на Северна Македонија и Европската унија за почеток на простапните преговори.

САД - Избраниот претседател Џо Бајден го избра долгогодишниот соработник Рон Клајн за шеф на неговиот кабинетот, една од највисоките позиции во администрацијата што доаѓа.

БЕЛОРУСИЈА - Познатиот белоруски новинар Алех Хруздзилович е осуден на 15 дена затвор поради известување за еден од тековните масовни митинзи со кои се бара оставка од Александар Лукашенко. Судијката Мерина Јарохина, од окружниот суд Фрунзе во Минск, денеска го прогласи 61-годишниот новинар-ветеран и поранешен дописник на Радио Слободна Европа, за виновен за учество во несанкциониран масовен собир на 25 октомври.

УКРАИНА - Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и шефот на неговата канцеларија се хоспитализирани откако се заразија со коронавирус на почетокот на оваа недела.

РУСИЈА - Група руски муслимански свештеници наредија забрана муслиманите да стапуваат во брак со немуслимани, одлука што предизвика несогласување во рамките на националниот исламски совет на земјата. Советот на свештениците ја издаде фатвата, според која, муслиманските мажи можат да се омажат за жени кои не се муслиманки само во „ексклузивни ситуации“ и со одобрување на локалните муфтии.

ИРАН - Иран постојано ги зголемува своите залихи на ниско збогатен ураниум далеку над границите утврдени во нуклеарниот договор со светските сили да не го збогатува на поголема чистота од дозволеното, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија во својот квартален извештај. Иран заклучно со 2 ноември имал залихи на 2.442,9 килограми ниско збогатен ураниум, за разлика од 2.105 килограми пријавени на 25 август.

САД - Доналд Трамп е прогласен за победник на државата Алјаска на претседателските избори во САД, победа што нема да го промени вкупниот исход на гласањето. Американските медиуми го објавија ова врз основа на вкупниот број гласови и проекциите заклучно со 11 ноември, осум дена по завршувањето на гласањето.

МАКЕДОНИЈА - Вечерва низ скопските улици луѓе со македонски знамиња, со песни и во колони од возила ја прославуваа победата на Македонија над Грузија со 1:0 со што македонската фудбалска репрезентација за прв пат во историјата се пласираше на Европското фудбалско првенство.