ЕУ ќе го одобри договорот за вакцини со Pfizer

Урсула фон дер Лајен

Европската комисија денеска ќе одобри договор за набавка на вакцината против ковид-19 што ја развиваат Pfizer и BioNTech, изјави претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.

„Ќе одобриме договор за 300 милиони дози на вакцина развиена од Pfizer и BioNTech“, се вели во изјавата на Фон дер Лајен.

Над 50 милиони инфицирани, вакцина на повидок

Комисијата претходно соопшти дека извршната власт на ЕУ ќе разговара за усвојување на договорот со двете компании, додавајќи дека одлуката не е поврзана со најавата на Pfizer во понеделникот дека клиничките тестови на нејзината експериментална вакцина против ковид-19 се покажале повеќе од 90 насто ефективни. Двете фирми најавија дека ќе побараат итно одобрение од САД да започнат со употреба на вакцината.

„Денес е одличен ден за науката и човештвото“, рече претседателот и извршен директор на Pfizer Алберт Бурла, истакнувајќи дека развојот е пресвртница во борбата против глобалната пандемија, во која починаа повеќе од 1 милион луѓе.