Соседи, нуклеарки, талибанци...

САД - Избраниот американски претседател Џо Бајден предупреди дека Соединетите држави продолжуваат да се соочуваат со мрачна зима и покрај најавата за вакцина против коронавирусот.

БУГАРИЈА / СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Премиерот Бојко Борисов го пречека премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев во Софија, каде заедно се домаќини на Самитот на Берлинскиот процес.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Велика Британија соопшти дека протерала двајца белоруски дипломати, по, како што Лондон вели, неоправдано протерување на двајца нејзини дипломати од страна на Минск, во услови на бран протести низ Белорусија на кои се повикува на оставка на Александар Лукашенко по претседателските избори во август, кои Западот одби да ги прифати.

БЕЛОРУСИЈА - Единствената нуклеарна централа во Белорусија запре со производство на електрична енергија на само три дена откако беше пуштена во употреба. Централата официјално ја отвори авторитарниот лидер Александар Лукашенко, велејќи дека неговата земја ќе стане земја со нуклеарна моќ. Нуклеарната централа се наоѓа во близина на границата со Литванија.

НАГОРНО КАРАБАХ / РУСИЈА - Руските мировници отидоа во Нагорно-Карабах да бидат распоредени како дел од договорот меѓу Азербејџан и Ерменија, за запирање на шестнеделниот воен конфликт околу отцепениот регион.

АВГАНИСТАН - Талибанците го повикаа новоизбраниот американски претседател Џо Бајден да го почитува мировниот договор склучен во февруари меѓу милитантната група и САД. Спроведувањето на договорот е најразумно и најефикасно средство за ставање крај на војната во Авганистан. Во соопштението од милитантната група се наведува дека остануваат посветени на спроведувањето на договорот.

УНГАРИЈА - Унгарија го продолжи ноќниот полициски час за да го спречи брзото зголемување на инфекциите со коронавирус, објави премиерот Виктор Орбан. Премиерот, кој досега се воздржуваше од воведување на строги мерки во обид да ја заштити економијата, додаде дека ќе бидат забранети и големи собири, а спортските настани ќе се одржуваат зад затворени врати.