Во Дебар отворен Ковид центар

Болницата во Дебар

Поради зголемувањето на бројот на ковид позитивните лица во општините Дебар и Центар Жупа, денеска во Дебар е отворен Центар за Ковид-19 . Директорот на болницата д-р Баки Алили за „Радио Слободна Европа“ изјави дека Центарот е отворен во објектот на Општата болница со адаптација на одделението за интерни болести кое има посебен влез и во него се ангажирани осум лекари и уште толку медицински сестри.

До сега за примање на терапија на позитивните на Ковид-19 беше одвоена само една просторија во болницата , а лекувањето се вршеше во домашни услови.

Директорот Алили истакна дека отварањето на Центарот за Ковид 19 ќе овозможи, покрај добивањето на терапија на болните кои се лекуваат во домашни услови , овде да се стационираат дел од потешките случаи, бидејки на клиниките во Скопје се исполнуваат капацитетите.

Епидемилогот Ментор Мела, за Радио Слободна Европа, изјави дека за само една недела во Дебар и Центар Жупа се регистрирани над 40 нови случаи, додека пак моиментално бројот на активни во двете општини е 85. Од почетокот на пандемијата регистрирани се 382 лица додека бројот на починатите во овие две општини е 18.

Во Центар Жупа, во селото Баланци, беа регистрирани првите два случаи на Ковид-19 во Северна Македонија на 26 февруари оваа година.

Кенан Мимидиноски