Потрага по настраданите во свлечиштето во Гватемала

Штети од бурата Ета во Хондурас

Спасувачите во Гватемала копаат низ калта и урнатините во потрага по околу 100 луѓе за кои се верува дека се затрупани во огромното лизгање на земјиштето предизвикано од поројните дождови кои ги донесе тропската бура Ета, која вчера продолжи да се засилува движејќи се кон Куба и јужната американска сојузна држава Флорида.

Се очекува бурата да стигне до брегот на САД подоцна денеска или утре.

Предупредување за тропска бура се издадени за централна Куба и за јужна Флорида. Гувернерот на Флорида Рон ДеСантис вчера прогласи вонредна состојба за осум окрузи на југот на државата и ги повика жителите да се снабдат со намирници.

Властите во Централна Америка, од Панама до Мексико, работат на проценка на штетите од поплавите и свлечиштата по неколкудневните поројни дождови. Десетици луѓе настрадаа досега, а се очекува тој број да расте.

Во Гватемала има 15 мртви, а 109 луѓе се водат како исчезнати.
На југот на Мексико, на границата со Гватемала, околу 20 луѓе настрадаа кога силниот дожд кој го донесе Ета предизвика свлечишта и поплави.

Владата на Хондурас проценува дека од невремето се погодени над 1,6 милиони луѓе.