ОАЕ ги ублажија исламските закони, дозволен алкохол и невенчани парови

Илустрација: Дубаи

Обединетите Арапски Емирати денеска објавија темелна промена на исламските закони. Со промените, невенчаните партнери може да живеат заедно, ублажени се и ограничувањата за алкохол, а ќе бидат казнувани и таканаречените убиства за одбрана на чест. Промените опфаќаат укинување на казните за консумирање, продажба и поседување на алкохол за луѓе кои имаат 21 годни или повеќе. Иако жестоките пијалаци и пивото се достапни во многу кафулиња и клубови во многу крајбрежни градови, граѓаните досега за да купат или да поседуваат алкохол во своите домови мораа од државата да добијат лиценца. На муслиманите кои не можеа да ја добијат таа лиценца со новиот закон очигледно ќе може да им се дозволи слободно да консумираат алкохолни пијалаци.
Еден амандман од новиот закон се однесува и на невенчаните парови, што долго време беше казниво дело во Емиратите. Иако властите во Дубаи ретко го применуваа законот врз странци, сепак заканите од казни беа на сила.

Владата, заради подобра заштита на правата на жените, наведе дека одлучила да ги укине казните со кои се бранат злосторствата направени за одбрана на честа. Овој племенски обичај беше широко критикуван. Станува збор за тоа дека досега не се казнуваше мажот кој извршил напад врз жена за која се смета дека го посрамила семејството. Стореното злосторство за да се симне срамот, односно убиство на жена поради промискуитет или непочитување на верските и културните ограничувања, ќе се третира како и секое друго убиство.

Со промените на законите, ќе им се овозможи на странците, чиј број изнесува речиси девет пати повеќе од државјаните на Емиратите, да ги избегнат исламските шеријатски судови кога станува збор за прашања поврзани со брак, развод или наследство.

Традиционалните исламски вредности и натаму се силно вкоренети во Емиратите, а со новите реформи не се опфатени другите обичаи на однесување, кои според локалните уверувања се навредливи, како хомосексуални чинови, поради кои странците завршуваат во затвор. Со прифаќањето на одредени западни вредности, Обединетите Арапски Емирати сакаат да го промена имиџот и да се прикажат како посакувана дестинација за туристи и странски фирми.