Блокади, санкции, болести...

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Ја имаме првата блокада од Бугарија. Денеска е прекршен Членот 2 од договорот. Ние ништо до сега не прекршиме. Денеска е испратена не така пријателска порака од соседна Бугарија, првиот чекор е блокиран, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, за време на увидот на магестралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Во Северна Македонија до сега од Ковид-19 заболеа 36.372 лица и брзо се пополнуваат болниците, па го активиравме планот за дополнителни одделенија, информираше денеска министерот за здравство, Венко Филипче, кој рече дека ако се почитуваат максимално мерките, ќе нема потреба од нови рестрикции.

БЕЛГИЈА / БЕЛОРУСИЈА - Европската унија денеска официјално воведе замрзнување на имотот и забрана за виза на Александар Лукашенко, неговиот син и советник за национална безбедност Виктор Лукашенко и за уште 13 други високи белоруски функционери за прогон на противниците пред и по претседателските избори на 9 август во Белорусија.

АВСТРИЈА - Австрија затвори две џамии во кои доаѓал напаѓачот кој изврши смртоносен терористички напад во Виена на почетокот на оваа недела.

РУСИЈА - Контрадикторните изјави на руски официјални лица укажуваат на тоа дека западните нации може да стојат зад труењето на опозицискиот политичар и отворен критичар на Кремљ, Алексеј Навални, во август, или дека тој воопшто не бил отруен, туку дека страдал од акутен панкреатит.

КОСОВО - Поранешниот косовски претседател Хашим Тачи ќе го има своето првично обраќање пред судот на 9 ноември, под обвинение за сторени воени злосторства и злосторства против човештвото.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Шефот на британската дипломатија Доминик Раб повика на нови избори во Белорусија по објавувањето на независен извештај за, како што велат, фалсификуваните претседателски избори во август и бруталната акција за постизборните протести.

РУСИЈА - Кремљ денеска ги негираше гласините дека рускиот претседател Владимир Путин ќе поднесе оставка во текот на следните месеци поради здравствени причини, нарекувајќи ги тие вести целосна глупост. Информацијата ја објави британски Сан.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА / СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Милчо Манчевски ја освои престижната награда за најдобар режисер на фестивалот Рејнденс во Лондон, најголемиот фестивал на независен филм во Велика Британија и еден од најголемите во светот, каде неговиот филм Врба ја имаше британската премиера.