Филипче: Сериозно е, активираме повеќе одделенија и тестови

Венко Филипче

Во Северна Македонија до сега од Ковид-19 заболеа 36.372 лица и брзо се пополнуваат болниците, па го активиравме планот за дополнителни одделенија, информираше денеска министерот за здравство, Венко Филипче, кој рече дека ако се почитуваат максимално мерките, ќе нема потреба од нови рестрикции.

„Функционира Центарот за белодробни болести каде уште има капацитети за пациенти, но гледајќи го напливот се активираше планот за интерните клиники, со гастро, дијализа, нефрологија, а следно се активираат очните клиники. Системот „Мој термин“ и понатаму функционира, секако, и продолжуваме да сместуваме пациенти во оваа зграда на интерни клиники. Лекарите и сестрите се на располагање“, рече Филипче.

Тој на денешната прес-конференција најави и дека ќе биде зголемен капацитетот на тестирање од идната недела за плус 500 на територијата на Скопје.

„Ние веќе го зголемивме капацитетот, во моментов на располагање има три илјади тестови дневно, и сега ги вклучивме брзите тестови. Отвораме дополнителни шест пункта од понеделник, што ќе значи дополнителни 500 термини почнувајќи од понеделник. Станува збор за тестови само за градот Скопје“, рече Филипче.

Тој негираше дека нема место за позитивните пациенти и информираше дека целата зграда на Клиниката за интерни болести ќе биде за ковид пациентите, како и дека другите дејности и пациенти нема да трпат поради тоа.

Министерот информираше и дека пристигнале сите вакцини за грип и дека за време на викендот ќе се дистрибуираат, а вакцинацијата ќе почне во вторник.