Милошоски: Само морално ги поддржавме протестите на 27 април

Архивска фотографија - Антонијо Милошоски

Извршниот Комитет на партијата немаше одлука и организациски план за протестите на 27 април, но им дававме морална подршка. Исто како што СДСМ немаше формална одлука, но ги поддржуваше протестите на Шарената револуција, изјави денеска во Кривичниот суд пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, како сведок во случајот „Организатори на 27 април“, односно предметот за обвинетите за организирање на насилствата во Собранието во 2017 година.

Тој ова го кажа како одговор на прашање од обвинетиот, поранешен министер Спиро Ристовски, дали партијата на која ѝ припаѓа ги организирала протестите пред Собранието.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.