Пендаровски потпиша наредба, АРМ ќе ги обезбедува болниците

Претседателот Стево Пендаровски

Претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, врз основа на Законот за одбрана, како и генералната наредба за ангажирање на дел од Армијата на Република Македонија во мирновремени услови, односно во услови кога не е прогласена кризна, вонредна или воена состојба, и нареди на армијата дел од силите и средствата да ги ангажира како невооружени сили за извршување на задачи за поддршка на државните институции при справување со последиците од пандемијата на коронавирусот.

„Со оваа наредба, којашто стапува во сила веднаш, дел од ресурсите и од средствата на Армијата ќе се ангажираат како невооружени сили на извршување на задачи за поддршка на институциите на државата при справување со последиците од пандемијата на Ковид-19“, соопшти кабинетот на Пендаровски.

Согласно наредбата на претседателот Пендаровски, Генералштабот на Армијата ќе ангажира сили и средства за медицинска поддршка на работата на здравствените установи и центри на Министерството за здравство, транспорт на заштитни и медицински средства и опрема.