Заев и Марадона, Трамп и Бајден...

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев телефонски разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел, соопштија од Владата. Во телефонскиот разговор меѓу канцеларката Меркел и премиерот Заев беше споделен заедничкиот интерес и истата цел на двете земји за време на германското претседателство со ЕУ, да се одржи првата меѓувладина конференција во декември како почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ, стои во соопштението.

КОСОВО - Поранешниот претседател на Собранието на Косово и некогашен портпарол на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Јакуп Красниќи, денеска треба да биде спроведен во притворското одделение на Специјалното обвинителство на Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово, чие седиште е во Хаг, информира адвокатот на Красниќи, Ваљон Хасани.

БЕЛОРУСИЈА / БЕЛГИЈА - Земјите членки на Европската унија се согласија за воведат санкции кон Александар Лукашенко и за уште 14 други белоруски функционери, како одговор на нивната акција на постизборните протести.

САД - Се уште не може да биде прогласен победник на изборите во САД, на еден дел по гласањето, оти се уште трае пребројувањето на гласовите во шест клучни држави. Според податоците достапни досега, Бајден води во Аризона, Мичиген, Невада и Висконсин, додека Трамп има водство во Џорџија и во Пенсилванија.

ТУРЦИЈА / БЕЛГИЈА - Европската унија денеска оцени дека е за жалење одлуката на Турција да продолжи со мисијата на бродот за истражување на гас во спорната област во источниот Медитеран.

АВСТРИЈА - Меѓу жртвите во терористичкиот напад во центарот на Виена, што се случи во понеделникот вечерта, се и двајца странски државјани – Македонец и Германка, информира австриската полиција.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Мали се шансите потенцијалната вакцина против ковид-19 на Универзитетот во Оксфорд да биде готова пред Божиќ, изјави главниот истражувач Ендру Полард.

РУСИЈА / НАГОРНО КАРАБАХ - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека се потребни договори за ефективни контролни механизми доколку има одржлив прекин на огнот во отцепениот регион Нагорно Карабах.

АРГЕНТИНА - Аргентинската фудбалска легенда, 60-годишниот Диего Марадона, успешно бил опериран од тромб во мозокот во клиника во Буенос Аирес, соопшти неврологот, доктор Леополдо Луке.