ЕУ даде зелено светло за санкции за Лукашенко и за неговиот син

Александар Лукашенко.

Земјите членки на Европската унија се согласија за воведат санкции кон Александар Лукашенко и за уште 14 други белоруски функционери, како одговор на нивната акција на постизборните протести.

Денеска амбасадорите на земјите членки на ЕУ дадоа зелено светло да им воведат визни забрани и да им се замрзнат средствата на Лукашенко и на останатите функционери. Ваквата одлука треба да биде официјално потврдена на 6 ноември.

По спорните претседателски избори, на кои Лукашенко прогласи победа, земјата се соочува со протести. Опозицијата тврди дека изборите биле наместени, а Западот одбива да ги прифати изборните резултати.

Минатиот месец ЕУ воведе санкци за 40 белоруски официјални лица, но не и за Лукашенко. На нив им е забрането патување во ЕУ и им е замрзнат имотот, поради нивната улога во репресијата на демонстрантите и опозицијата, како и за нивната улога во изборна измама на изборите кои се одржаа на 9 август.

Франс прес објави дека цел на санкциите на ЕУ е и синот на Лукашенко, Виктор, кој е вршител на должноста советник за национална безбедност во Белорусија.


Илјадници луѓе се уапсени низ Белорусија по изборите во август, на кои Лукашенко прогласи победа. Ова е негов шести последователен мандат.

Повеќето од лидерите на опозицијата во земјата се уапсени или принудени да ја напуштат земјата, вклучувајќи ја и претседателската кандидатка Свјатлана Цихануаскаја, која се смета себе си за вистински победник на изборите.