Се преврте туристички брод кај Аланија, едно лице настрада

Архивска фотографија.

Најмалку едно лице го загуби животот кога денеска се преврте туристички брод со околу 30 патници во близина на турскиот медитерански град Аланија, јавија турските медиуми.

Агенцијата Анадолија пренесува дека бродот се превртел во близина на пештера, која е туристичка атракција, на околу 100 метри од брегот.
Спасувачките екипи на турската крајбрежна стража пристигнаа на местото на несреќата и во тек е акција за спасување, јавува Анадолија.
Според последните информации, од водата е извлечено едно тело на давеник.

Причините за превртувањето засега се непознати, а на снимките што ги објавија турската телевизија Хабер се гледа брод превртен на страна во близина на карпестиот брег.