Беслимоски: Со гасно поврзување со Грција до 20% поевтин гас

Илустрација - Архивска фотографија од поставувањето цевки за гасовод кај кумановско Клечовце

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, изјави дека претстои сериозна гасификација на земјава по далеку пониски цени од сегашните и дека проценките се дека цената на гасот би се намалила и до 20 отсто со идниот крак од Грција преку Северна Македонија, па се до Косово со што стануваме транзитна земја.

Како што соопшти РКЕ, тој пред стопанствениците и членовите на Собранието на СКМ ја претстави состојбата во енергетиката во однос на снабдувањето со топлинска енергија, гас и електрична енергија.

„Во Бугарија, по отворањето на Балкан хаб каде што има пристап на гас од Турција, но и на ЛНГ од Грција, цената на гасот се намали за 40 отсто. Податоците и анализите укажуваат дека секоја земја што гради инфраструктура и што се поврзува со нови коридори може да очекува пониска цена. Логично е тоа да се очекува и од гасното поврзувањето на Северна Македонија со Грција. Проценките се дека цената на гасот би се намалила и до 20 отсто. Диверзификацијата на изворите од кои се снабдуваме со гас ќе ја зголемат понудата и цента ќе оди надолу . Кракот што ќе го имаме со Грција е клучен затоа што ќе транзитира низ нашата земја и ќе оди и до Косово“, рече Бислимоски.