Земјотреси, средби, актери, владици...

ТУРЦИЈА / ГРЦИЈА - Земјотрес со јачина од 6,6 степени денеска го погоди турскиот град Измир, при што беа урнати најмалку пет згради, но нема потврда за евентуални жртви. Според бирото за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), земјотресот се случил во 15 часот на длабочина од 16,5 километри во областа Сеферихисар. МИА јави дека земјотрес од 6,7 степени имало и на грчкиот остров Самот каде биле повредени 4 лица.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Скопскиот Апелациски суд ја уважи жалбата на обвинетиот Бојан Јовановски, познат како Боки 13 за предметот Рекет, му ја укина мерката притвор и му определи мерка куќен притвор.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Се надевам дека следната недела ќе се обезбеди формат да седнеме и да разговараме со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, бидејќи навистина се ближат деновите кога треба Советот на ЕУ да донесе одлука, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има средба со неговата бугарска колешка.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО) денеска соопшти дека отворило истрага за директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Еразмуз+, Лидија Димова, и три други лица, осомничени за злоупотреба на милиони денари од европски фондови.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изрази солидарност со Франција по вчерашниот напад во Ница, што го опиша како неприфатлив терористички акт.

НАГОРНО КАРАБАХ / ШВАЈЦАРИЈА - Разговорите на првите дипломати на Азербејџан и Ерменија со меѓународни посредници започнаа денеска во Женева, Швајцарија, во обид да се постигне договор за запирање на борбите околу регионот Нагорно-Карабах, по неуспехот на претходните три примирја.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека неговата земја е подготвена да работи со секој претседател на САД, без оглед кој ќе победи на изборите следната недела.

БЕЛОРУСИЈА - Белоруските власти објавија дека привремено ги затвораат своите копнени граници со Литванија, Летонија, Полска и Украина, како потег во борбата против ширењето на коронавирусот.

ЦРНА ГОРА - Митрополитот црногорски и приморски Амфилохије почина изутрината во Клиничкиот центар на Црна Гора, објавено е на веб-страницата на Црнагорската митрополија. Шефот на клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Црна Гора Јелена Бојовиќ вчера изјави дека неговата здравствена состојба нагло се влошила во четвртокот, како резултат на пневмонија предизвикана од коронавирусот.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - На 69-годишна возраст, вчера во Скопје, по долго боледување, почина актерот и универзитетски професор Данчо Чевревски.