Пендаровски: Блокада на преговорите би била голема грешка на ЕУ

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски

Евентуална блокада или одложување на почетокот на преговорите би било голема грешка или голем неуспех, пред сè на Европската унија и на германското претседавање, кое е многу ангажирано во поддршка на земјите од Западен Балкан, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски, во обраќањето на отворањето на онлајн конференцијата посветена на високото образование во регионот на Западен Балкан, на тема „Заеднички вредности, способности и одржлив развој”.

Тој на конференцијата рече дека пандемијата со ковид-19 нè потсети на тоа кои се нашите заеднички вредности.

„Во демократскиот свет во кој живееме, општо е прифатено дека тие вредности се владеењето на правото, демократските политички вредности, функционалните институции и културата на дијалог. Но, сите овие важни вредности во суштина се во поддршка на една многу повисока цел. Врвна вредност за секоја држава и за секое општество е човековиот живот“, рече претседателот Пендаровски.