Ќосев: Бугарските „патриоти“ сакаат да си го кренат рејтингот пред избори

Илустрација - Бугарскиот премиер Бојко Борисов на гробот на Гоце Делчев во Скопје, август 2019 година.

Коалицијата на „патриотите“ и голем дел од бугарското население живеат во романтичарско-патриотските митови од 19-от век, а тие митови не секогаш одговараат на фактите и на модерната перспектива, смета професорот по Историја на модерната култура на Универзитетот во Софија и директор на универзитетскиот Културен центар, Александар Ќосев, пренесува МИА.

Според него, партиите во бугарската Влада од коалицијата Обединети патриоти, предводена од ВМРО на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, сосема свесно ги зголемуваа националистичките тензии, во пресрет на редовните парламентрани избори во Бугарија, што треба да се одржат следната пролет.

Изјавите на Ќосев доаѓаат во време кога Софија поставува нови услови за Северна Македонија пред дефинирањето на преговарачката рамка со Европската унија, со што под знак прашалник се става првата меѓувладина конференција, која се очекува да биде во декември годинава.

Професорот Ќосев, во интервју за Дојче Веле, вели дека „тие едноставно сакаат да си го подигнат предизборниот рејтинг, но нема да можат да го подигнат и нема да влезат во следниот Парламент“, пренесува МИА.