Етапна и предвремена исплата и на октомвриските пензии

Илустрација - Луѓе со заштитни маски пред банка во Скопје

Oд денеска почнува етапната исплата на октомвриските пензии кои ќе бидат исплатени предвреме и етапно,за да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот Ковид-19, соопшти Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата и тоа во вторник исплата на пензии со висина до 11.000 денари, во среда исплата на пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари, во четврток исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари и во петок исплата на пензии во висина над 18.000 денари.

Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од денеска. Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.