Политичар, затвореник и врба

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Зоран Милески Кически, од денеска е во Казнено поправниот дом во Струга на отслужување на правосилната затворска казна од три години на која е осуден во случајот Рекет.

СЛОВЕНИЈА - Во Словенија, во последните 24 часа се потврдени нови 1.113 случаи на коронавирус, со што вкупниот број заразени достигна 24.063, од кои 15.230 се активни.

НАГОРНО КАРАБАХ - Ерменија и Азербејџан се обвинија меѓусебно за кршење на новиот хуманитарен прекин на огнот за запирање на борбите во Нагорно Карабах, кратко време откако тој стапи во сила.

ГРЦИЈА - Грчката Влада ги продолжи двете министерски одлуки што се однесуваат на ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на Грција со соседните земји, меѓу кои и со Македонија, како и на забраната за влез во земјата на државјани на трети земји до 8 ноември.

УКРАИНА - По затворањето на избирачките места на локалните избори во Украина, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина се движи во вистинската насока. Тој на својот официјален фејсбук профил напиша дека Украина има голем луксуз - слободни избори.

КИНА - Од денеска до 29 октомври во Пекинг се одржува Петтата пленарна седница на 19. Централен комитет на Комунистичката партија на Кина (КПК). На овие седници претседава кинескиот претседател Си Џинпинг, кој исто така е генерален секретар на Централниот комитет на КПК и претседател на Централната воена комисија.

ФРАНЦИЈА - Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен денеска во Москва разговараа со неговиот руски колега Владимир Колоколцев за билатерална соработка во борбата против илегалната имиграција.

САД / СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Филмот Врба на Милчо Манчевски ја доби наградата Најдобар филм на фестивалот во Синеквест, Калифорнија. Ова е главната награда на Синеквест што ја доделува меѓународно жири, а Врба е претставен како филм што нема да го заборавите. Ова воедно беше и американската премиера на филмот.