И Гаши и Села собираат потписи за специјална комисија за пандемија

Лидерите на Алтернатива и Алијанса за Албанците, Африм Гаши и Зијадин Села

Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива (АА-ААА) бара формирање на специјална комисија за справување со корона пандемијата, неколку дена по истото барање од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата информираат дека веќе се собираат потписи за формирање таква комисијата и дека заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат измени на законот за заразни болести.

„Се работи за иницијатива на повеќе пратеници, не само од ВМРО-ДПМНЕ, која ја поддржуваме и ние да се формира Комисија која ќе се занимава со со Ковид-19 од Собранието на РСМ, во која комисија ќе членуваат барем за сега 11 лица од кои дел ќе биде самиот Министер за здравство, претседателот на штабот за кризи и врвни лица, лекари кои имаат врска со пандемија и заразни болести“, изјави Сурија Рашиди од коалицијата АА-ААА за ТВ24.

Според него, како што вели, „постоечката комисија работи само по потребите на дневната политика и донесува ставови по потреба на дневната политика“ и додава дека станува збор за комисија чија работа би била посветена само на коронавирусот.