Мицкоски – Мора да почнат преговорите со ЕУ, на Бугарија не ѝ требаат понижени соседи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски зборува на протест пред Собранието


Македонија мора да ги почне преговорите со ЕУ, зашто и ВМРО-ДПМНЕ е формирано за таа европска иднина, рече денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на протестот пред Собранието.

„Македонија даде илајдници жртви против фашизмот и крвавиот дел во комунизмот. Да не се заборави ниту пак улогата кога се распаѓаше Југославија, бегалците на кои им отворивме вратите. Македонија е браникот преку кој се бранеше Европа од мигрантските бранови кои сè уште се закана. Македонија дала и секогаш дава за Европа. Нашиот народ е секогаш прозападен. Сега, Европа треба да му врати на овој народ, преговорите да почнат безусловно и веднаш“, рече Мицкоски.

Тој испрати и порака до Бугарија и им порача дека сигурно и тие не сакаат да имаат понижени соседи.

„Доколку биде прифатено дека Гоце Делчев во регионална смисла е Македонец, а по нација Бугарин, а нашиот јазик е лингвистичка форма на бугарскиот, тоа ќе значи асимилација на македонската нација и сериозен удар врз државата. Ако оваа Влада го прифати тоа, следната предводена од ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го поништи“, рече Мицкоски.

Тој го критикуваше и на начионот на справување на власта со коронакризата, но и корупцијата во власта.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска одржува протест на Денот на ВМРО во време кога е неизвесен почетокот на преговори на Македонија со ЕУ, зашто бугарски претставници се закануваат дека ќе ја блокираат земјава додека не се решат отворените прашања.

Протестот почна од две собирни точки во Скопје, СЦ Борис Трајковски и СЦ Јане Сандански и заврши пред Собранието, каде што Мицкоски одржа говор.

По говорот протестот со автомобили продолжи од Скопје до Штип преку автопатот Гоце Делчев, а во Штип ќе заврши пред Учителската школа каде своевремено учителствувале Гоце Делчев и Дамјан Груев.