Мартенс - Бектеши: Најави за нови германски инвестиции

Крешник Бектеши

Германски компании се заинтересирани за отворање фабрики во земјава идната година, а оние што се веќе тука присутни, по ковид кризата планираат зголемување на инвестициите, па дури и удвојување, соопштија по денешната средба министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Германското стопанство, Патрик Мартенс.

Како што соопшти Министерството за економија, Бектеши го информирал Мартенс за четвртиот пакет економски мерки, но и за подготвеноста државата да им излезе во пресрет на компаниите, посебно во делот на законодавството, со цел отворање нови работни места и задржување на конкурентноста во време на пандемија.

Според Мартенс, германските инвеститори во земјава размислуваат за нови вработувања и за проширување на вложувањата.

„Никој не е сигурен кога сето ова ќе заврши и колку ќе трае, но сепак добиваме позитивни сигнали од германските компании. Тие сметаат дека ако и по ковидот во државава останат добрите услови како сега, ќе ги прошират инвестициите, а има најави и за нови вложувања“, рече Мартенс.