Свадбари и политичари

БЕЛОРУСИЈА - Илјадници Белоруси излегоа на нови демонстрации против Александар Лукашенко, и покрај заканите на полицијата дека ќе употреби боева муниција доколку е потребно.

КИРГИСТАН - Вршителот на должност претседател на Киргистан Садир Јапаров денеска изјави дека ќе се кандидира за претседател на претстојните избори, доколку пратениците гласаат за уставните измени со кои би се одобрило тоа.

НАГОРНО КАРАБАХ - Се чини дека е загрозено последното усогласен договор за прекин на огнот во отцепениот регион Нагорно Карабах, откако етничките ерменски сили и азербејџанските воени сили почнаа да се обвинуваат меѓусебно за прекршување на договорот и ново гранатирање јавуваат од ерменските и азербејџански новински сервиси на РСЕ.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека кога властите бараат од граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, тогаш функционерите треба да бидат првите кои што ќе го направат тоа со сопствен пример. Тој овој коментар го даде поради објавата дека градоначалникот на скопската општина Центар Саша Богдановиќ викендов направил свадбена веселба во Косово.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Притвор од времетраење од 30 дена, но и мерка за одземање на имот заради обезбедување се мерките кои денеска ги донесе судијата на претходна постапка за осомничениот Ристо Новачевски, кум на поранешниот премиер Никола Груевски. Јавното обвинителство го товари за сторено кривично дело перење пари со кои се купувале плацеви на Водно. Во соопштението од Основниот суд Скопје 1 е наведено дека постапиле по предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор.

САД - Бројот на потврдени случаи на Ковид-19 низ целиот свет надмина 40 милиони, а Европа, каде бројот на жртви е над 250,000, ги засили напорите да се ограничи нагло зголемување на нови инфекции.

РУСИЈА / ГЕРМАНИЈА - Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални вели дека Кремљ прави се што е во негова моќ да го спречи неговото враќање во Русија, но тој сепак планира да го направи тоа.